МЕЃУНАРОДЕН КОМИТЕТ НА СИНИОТ ШТИТ

Меѓународниот комитет на Синиот штит (International Committee of the Blue Shield - ICBS) како независна, професионална и непрофитна организација, со задача да се грижи за културното наследство во случај на војна и природни катастрофи е основана во април 1996 година во Париз. Основачи се: Меѓународниот совет на музеите (International Councel of Museums - ICOM), Меѓународниот совет за споменици и места (International Committee of Monuments and Sites - ICOMOS), Меѓународниот совет за архиви (International Councel of Archieves - ICA) и Меѓународната федерација за библиотеки и асоцијации (International Federation of Libraries and Asociations - IFLA). Синиот штит претставува културен еквивалент на Црвениот крст. Името произлегува од знакот кој е содржан во Хашката конвенција од 1954 година, со кој се означуваат културните споменици и места со цел да се заштитат во случај на воени дејства. Синиот штит ги покрива музеите, библиотеките, архивите, спомениците и местата.

Мисијата на Меѓународниот комитет на Синиот штит (ICBS) е да работи на заштитата на светското културно наследство и преку координирана подготовка да се соочи и да одговори на одделни итни состојби. Основни задачи на Синиот штит се: да го олесни меѓународниот одговор на закани или итни закани на културното наследство; да го охрабри спасувањето и респектот на културното наследство посебно со промоцијата на подготовките за ризик; да ги увежбува експертите на национално и на локално ниво за превенција, контрола и обнова од катастрофа; да работи како советодавно тело за заштита на загрозеното наследство; да соработува и да ја координира работата со други тела, како што се UNESCO, ICCROM и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.